Концертот на класична музика на кој францускиот диригент Паскал Галоа ќе настапи заедно со учениците од Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“ ќе се одржи на 18 ноември, во 19 часот, во Музејот на македонската борба.

Претходните денови, од 12 до 18 ноември, познатиот француски музичар и диригент одржа оркестарски работилници со учениците, а концертот ќе биде завршниот чин од работата.

Паскал Галоа е повеќестран уметник и апсолутен мајстор на фаготот, инструмент за кој некогаш се сметало дека е енигматичен и бурен. Тој е солист, концертен изведувач и педагог, а денес сè повеќе се потврдува во диригирањето, што, всушност, претставува кулминација на неговата музичка определба.

Галоа е уметник посветен на родниот град, а од 2015 година го иницираше фестивалот „Musicales de Quiberon“, којшто ги соединува класицизмот и модерноста. Диригирањето е во фокусот на неговата музичка мисија, а следејќи ја желбата да ја пренесе неговата страст и за музиката и за делата, како на современиците, така и на класиците.

Паскал Галоа е директор на Конзерваториумот „Моцарт“ во Париз, Франција.

Како диригент досега двапати настапил на фестивалот „Охридско лето“ со дела од современи композитори, а минатата година го изведе делото „Музика за 18 музичари“ од Стив Рајх со музичари од македонската филхармонија.