Предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, а која ја претстави Француското претседателство со Унијата е проследена во законодавниот дом на разгледување и носење натамошни заклучоци согласно со процедурите. Одлуката за тоа ја донесе Владата вчера на седница, откако ја разгледа Информацијата од Министерството за надворешни работи за предлогот, што стаса во Собранието, но седница се уште не е закажана.

Активностите на граѓаните кои протестираа против францускиот предлог во изминатите шест дена, денеска продолжуваат со блокади низ државата, а протест повторно е најавен за в недела во 19 часот. Блокади се најавени во периодот од 13 до 14 часот во Скопје пред Владата, како и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.

-Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одлагање претставува еден од клучните исчекори во односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, за реализирање на стратешката цел за полноправно членство во ЕУ, порача Владата во Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните прговори на Република Северна Македонија со ЕУ, предложена Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година.

Во Информацијата е наведено дека предлог преговарачката рамка е подготвена согласно со член 49 од Договорот за Европската унија и сите релевантни заклучоци на Советот на ЕУ, особено оние од 25 март 2020 година со кои беше усвоена зајакната методологија за проширување и донесена одлука за почеток на преговорите за пристапување со Република Северна Македонија.

Со заклучоците од 25 март 2020 година, стои во Информацијата, се поздравува демонстрираната решеност на Северна Македонија за унапредување на реформската агенда поврзана со пристапниот процес, постигнатите конкретни и одржливи резултати и исполнетите услови од страна на Северна Македонија за почетокна пристапните преговори. Рамката се осврнува на потребата од ефикасно исполнување на стандардите и критериумите за членство кои произлегуваат од копенхашките критеруми и процесот за стабилизацијаи асоцијација, а чие исполнување води кон стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на малцинството, функционална пазарна економија – способна да се справи со кнкуренцијата и пазарните сили во ЕУ, способност да се прифатат и ефикасно да се спроведат обврските од членството, вклучително и придржување кон целите на политичката економска и монетарна унија, како продуктивна регионална соработка и добрососедски односи.

Пред Владата да ја донесе одлуката, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби изјави дека Владата нема да одлучува за францускиот предлог, туку само ќе го проследи до Собранието.

– Владата нема да одлучува по однос на овие прашања без документите да дојдат во Собранието, да се усогласат и Собранието да ја заложи Владата да постапува по однос на тие документи, рече Груби.

Владејачкото мнозинство, како што објасни, смета дека сите документи што се доставени од Брисел и сите билатерални документи кои се усогласуваат со Софија треба да се поднесат во Собранието каде парламентарните политички партии треба да отвораат конструктивен дијалог и да одлучуваат по овие документи и потоа да ја заложат Владата со заклучоци по однос на информацијата што ќе ја добијат да постапува.

Заклучоците од вчерашната средба на Груби со амбасадорката на Швајцарија Вероник Хулман се дека е исклучително важно да се отклучи патот кон евроинтеграциите преку конструктивен и опсежен преглед на францускиот предлог поддржан од 27-те земји членки на ЕУ.

На средбата исто беше потенцирано дека предлогот не им наштетува на идентитетот, културните, јазичните и историските особености на нашите сограѓани.

Груби истакна дека во овие клучни моменти за државата треба да се дејствува рационално, искористувајќи ја историската можност за решавање на последниот спор со Бугарија.

И пораката што вчера стигна од Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон е дека сега е моментот да се донесе одлука која ќе ја обликува иднината на Северна Македонија согласно нејзината определба да биде целосно дел од европското семејство.

Според Макрон, Северна Македонија повторно се наоѓа пред клучен момент од својата историја.

– Седумнаесет години по добивањето кандидатски статус, штотуку се отвора историска можност – влегување во активна фаза на процесот за пристапување кон Европската Унија. Изборот е ваш, порача вчера францускиот претседател Макрон, преку објава од Француската амбасада во Скопје.

Францускиот претседател нагласува и дека моќта да се смени текот на историјата, отсега е во рацете на Македонците. За него, овој предлог не е совршен, но смета оти ќе ни го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, како што посочи вчера тој во пораката, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Макрон уверува и дека овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на нашиот идентитет.

Во овој договор, посочува Макрон, е наведен Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година и според него, истиот гарантира негово добро спроведување, во име на добрососедските односи, кои се темел на европските вредности. На крај, посочува, станува збор за ревизија на Уставот за да се интегрираат нови заедници во него.

– Вашата земја веќе претставува пример за соживот во Европа. Ќе треба да се изјасни Македонското собрание. Конечно е дојдено време секој да дејствува, со целосна одговорност и процена на тежината и последиците од своите постапки, нагласува во пораката францускио претседател.

Макрон вчера во пораката посочува и дека земјава ја заслужи почитта од цела Европа.

– Вашето достоинство како македонски народ е стекнато: тоа никогаш нема да биде доведено во прашање. Уште еднаш, дојде време да се направи избор и ние сме на ваша страна да ве охрабриме да направите нов чекор, порачува францускиот претседател.

И собранискиот спикер Талат Џафери вчера истакна дека се наоѓаме пред уште една тешка одлука, односно, како што кажа, пред уште една крстосница на нашиот пат на пристапување во Европската Унија Посочи да не дозволиме на тој пат да газиме по сето тоа што е направено досега, по сите надминати тешкотии, спорни прашања и конфликтни ситуации, и да не дозволиме несогласувањата и револтот да предизвикаат лавина која ќе направи иреверзибилна штета.

– Да бидеме мудри и сплотени, да изградиме официјален став по францускиот, сега веќе европски предлог, рече Џафери повикувајќи на широк консултативен процес со сите чинители во државата, со опозицијата, граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупна јавност во земјата, и разгледување на истиот во Собранието.

Предлогот, според Џафери, е солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за оваа можност која се отвора за нашата земја сега и можеби, како што смета тој, никогаш повеќе за официјално отпочнување на преговарачкиот процес и одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија.

Работната група на политичките партии за францускиот предлог не се договори за нова средба, по онаа од пред два дена на која ниту еден од партиските претставници не отстапи од своите ставови.

Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е претставник од ВМРО-ДПМНЕ вчера за МИА потврди дека нема договор за нова средба и наведе дека за нив смисла за нова средба би имало кога Владата, односно државата би упатила аргументирани забелешки за францускиот предлог.

– Доколку ДУИ и СДСМ прифатат да упатиме сите заедно како Влада, Собрание и држава аргументирани забелешки за корекции на францускиот предлог, тогаш следна средба би имала смисла, изјави Милошоски.

Информации од СДСМ и ДУИ во врска со продолжување на работата на работните групи засега нема.

Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.

По првата средба, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски изјави оти до сите пратенички групи испратиле нивни предлог-заклучоци, кои би требало да бидат усвоени во однос на информацијата што Владата треба да ја прати до Собранието.

Пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, исто по нивната прва средба, ги соопшти веќе познатите ставови на опозициската партија.

Арбер Адеми од ДУИ по средбата изјави дека суштината е оти македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Европската Унија и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка.

Лидерот на Демократски Сојуз Павле Трајанов, пак, се заложи за усвојување на заклучоци по предлогот со широка поддршка во Собранието. – Заклучоците треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот, рече Трајанов.

Во меѓувреме, откако Владата го достави предлогот во Собранието, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при учеството на протестот против францускиот предлог порача дека нема да поддржат какви било уставни измени во контекст на исполнување на бугарските барања.

-Македонската јавност да биде сигурна дека што и да се случува понатаму со ова национално предавство и катастрофа која што ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати. За тоа се потребни 80 пратеника, бидете сигурни дека ги немаат, изјави Мицкоски.

Поради францускиот предлог изминатите шест дена се одржаа протести под мотото „Ултиматум, НЕ, благодарам“ пред Владата и Собранието, а синоќешните поминаа мирно и без инциденти за разлика од претходните во кои беа повредени полицајци и приведени демонстранти. На воздржаност од насилство на протестите вчера повикаа и од американскиот Стејт департмент, а претходно такви апели упатија и од Министерството за внатрешни работи, валдините функционери, како и лидерите на партиите, кои пак упатија меѓусебни обвинувања за провокации.