Стотици граѓани вечерва протестираа во Скопје против фемицидите, семејното насилство и институционалната неодговорност. Но, информацијата за присуството на поранешниот министер и универзитетски професор Љубомир Фрчкоски на протестот отвора сериозно прашање за доследноста во борбата против насилството врз жените.
По повод 25 Ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ организираше протестен марш кој започна во паркот „Жена борец“ во Скопје.
Протестот започна со едноминутен молк во чест на жртвите. Демонстрантите носеа транспаренти со пораки „Не е трагедија, фемицид е“ и „Не е љубов ако те убива“, барајќи институционална одговорност, навремена заштита на жените и соодветно санкционирање на насилството.
Според денешните медиумски извештаи, годинава во Македонија се регистрирани седум фемициди.
Фрчкоски и обвинувањата за семејно насилство
Според информациите со кои располагаме за присутните на вечерашниот протест, меѓу учесниците бил и поранешниот министер за внатрешни работи и за надворешни работи, професорот Љубомир Фрчкоски.
Неговото евентуално присуство е особено контроверзно ако се земат предвид сериозните обвинувања за физичко насилство врз жени, за кои македонските медиуми пишувале уште во 2008 година.
Тогаш неговата поранешна сопруга Алида Муча, во отворено писмо објавено во неделникот „Фокус“, го обвинила Фрчкоски за физичко малтретирање, тврдејќи дека насилството се случувало и пред нивните деца. За овие обвинувања на 9 мај 2008 година известувал и весникот „Вечер“.
МВР поднело прекршочна пријава за физички напад
Истата година медиумите известувале и за друг инцидент во центарот на Скопје, во кој Фрчкоски бил инволвиран во физичка пресметка поради спор за паркинг-место.
Според тогашните медиумски извештаи, Министерството за внатрешни работи поднело прекршочна пријава против Фрчкоски за физички напад. Во инцидентот учествувала и 24-годишната Катерина Велјановска.
Фрчкоски тогаш негирал дека ја нападнал девојката, но признал дека двапати го удрил нејзиното момче, образложувајќи дека ја бранел својата сопруга и малолетното дете.
Судскиот епилог од оваа пријава не е утврден од достапните извори.
Борбата против насилството не смее да биде селективна
Борбата против насилството врз жените е премногу важна за да биде сведена на декларативни заложби и селективна морална одговорност.
Доколку Фрчкоски навистина присуствувал на вечерашниот протест, неговата појава таму отвора легитимно прашање за неговиот однос кон сериозните обвинувања од сопственото минато.
Дали професорот е подготвен јавно да одговори на тие обвинувања? Дали денес го осудува и сопственото признато физичко насилство од 2008 година?
Никому не треба да му биде оспорено правото да протестира против насилството. Но, од јавните личности со ваква историја на обвинувања оправдано е да се очекува дополнителна транспарентност и лична одговорност.
Борбата против насилството врз жените мора да почива врз принципи, а не врз политичка, идеолошка или интелектуална припадност. Истиот морален аршин мора да важи за сите, без исклучок.
