Денеска се одржа средба со синдикатите за здравство за зголемување на платите
Во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска се одржа средба со синдикатите од здравството за да се разговара за можните модели за зголемување на платите, објави директорот Сашо Клековски.
– На средбата со Ѓорѓи Ставридис и Љубиша Каранфиловски од Самостоен синдикат за здравство, како и со Предраг Серафимовски и Перо Спиров од Самостоен синдикат на Клинички центар, разговаравме за моделите на зголемување на платите во јавното здравство, наведува Клековски на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека во наредниот период ќе се изработат финансиски анализи, врз основа на кои ќе продолжи дијалогот со синдикатите. На средбата станало збор и за утврдување на репрезентативноста на синдикатите во здравството, подготовка на нов колективен договор, како и за справување со тужбите на вработени против јавните здравствени установи и нивните последици.
