„Во еден од најопасните делови на главниот град Скопје, во мултиетничката општина Чаир во која живеат Македонци, Албанци, Турци и Роми рамо до рамо, Елмас е роден на 24 септември 1999 година во семејство со турско потекло. Неговиот татко Џеват водеше продавница за слатки. Сега, 20 години подоцна, Елмас стана главен играч на тимот од С. Македонија што ја обедини земјата како никогаш порано“, пишува британски „Гардијан“ во најавата за настапот на нашата репрезентација на претстојното Европско првенство.

„Игор Ангеловски, сега селектор на националниот тим, раководеше со ФК Работнички во тоа време. Ангеловски се приближи до семејството на Елмас и беше договорено тогашното 12-годишно момче да игра за младинските екипи на Работнички. Три години подоцна и способноста на 15-годишниот Елмас го привлече вниманието на Херенвен во Холандија, а беше договорен и прелиминарен договор за потписот на Елмас кога наполни 18 години“, стои понатаму во текстот.

Весникот наведува дека малкумина се запознати дека Елиф знае да подготвува едни од најубавите македонски традиционални колачи и речиси сигурно ќе ја продолжел семејната традиција доколку не станел фудбалер.

„Веројатно 21-годишниот Елмас го чека долг пат пред да ги достигне височините на Кристијано Роналдо и Лионел Меси, но ова лето тој ќе има идеална сцена да ги покаже своите квалитети во конкуренција на европската елита. Елмас и македонскиот тим на ЕУРО2020 ќе играат во групата Ц против Холандија, Украина и Австрија, кои со доаѓањето на летото ќе дознаат многу повеќе за македонскиот фудбалски дијамант“, заклучува британскиот весник.