Релациите помеѓу нашите две држави се беспрекорни, на највисоко можно ниво, и гледаме можност како во иднина да ги подобриме и зацврстиме овие односи, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, попладнево во Ватикан по аудиенцијата кај папата Лав XIV и средбата со Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол.

Тој рече дека во најдобар можен ред поминале аудиенцијата кај папата Лав XIV и средбата со Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол.

– Разговаравме за клучниот настан за кој сме тука – чествувањето на светите Кирил и Методиј, но исто така зборувавме и за релациите што ги имаме на државно ниво помеѓу Ватикан и нашата држава. Од двете страни беше истакнато дека релациите помеѓу нашите две држави се беспрекорни, на највисоко можно ниво, и гледаме можност како во иднина да ги подобриме и зацврстиме овие односи. Секако, напоменавме дека двата клучни столба на нашите релации се засноваат на чествувањето на светите Кирил и Методиј, а исто така и на Мајка Тереза како една од личностите што ги поврзуваат овие две престолнини – истакна претседателот на Собранието, Гаши, кој ја предводи државно-цковната делегација за чествувањето на свети Кирил во Рим.

За време на средбата беше нагласено и значењето на промовирањето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите, како универзални вредности што придонесуваат за стабилноста, солидарноста и соживотот во Европа и пошироко.

За време на аудиенцијата, информира Собранието, Гаши упати искрени честитки по повод годишнината од изборот на Папата Лав XIV и ја истакна посветеноста на земјава за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светата Столица. На средбата беа реафирмирани историските и духовните врски меѓу двете земји, изградени врз наследството на Светите Кирил и Методиј и универзалната фигура на Мајка Тереза.

На аудиенцијата, Гаши на понтифот му врачил два подарока – државниот подарок – мермерна скулптура „Перо“ на вајарот Андреј Митевски, како и личен подарок – кавал изработен од Бобан Анакиев. Гаши го избрал кавалот како симбол на традицијата и инструмент што ги поврзува различните заедници и култури во нашата земја.

На државниот секретар Пјетро Паролин му беше врачен мозаик со мотив на паун – застапен во Базиликите на Стоби и Хераклеа, а денес на монетите во Македонија. Паунот е симбол на духовна вредност, воскресението, бесмртноста, вечниот живот, но и на надежта, обновивањето и светлината.

По средбите во Ватикан, делегацијата ја посети Базиликата „Свети Петар“.

Во собраниската делегација на аудиенцијата беа и координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и „Вреди“, Никола Мицевски, Оливер Спасовски и Беким Ќоку, генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска, потоа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, митрополитите г. Пимен и г. Георгиј и отец протојереј ставрофор Зоран Стојанов, претставник од Католичката црква.

Државно-црковната делегација предводена од претседателот на Собранието, Гаши утре, ќе му оддаде почит на св. Кирил на неговиот гроб во црквата „Сан Клементе“ во Рим, каде што поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, и свештенослужители ќе одржат молебен за сесловенскиот просветител и творец на словенската писменост.

Програмата завршува со концерт во организација на Министерството за култура, на кој ќе настапи квартетот Консонанс.