Газа е претворена во најголемиот концентрационен логор во светот од страна на структура што смета дека е над меѓународното право, изјави турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган за време на своето обраќање на Меѓународниот самит за правда во Истанбул, организиран од турското Министерство за правда во палатата Чираган, пренесе весникот „Џумхуриет“.
Турскиот претседател упати остри критики за воените дејствија и хуманитарната катастрофа на палестинската територија, нагласувајќи ги цивилните загуби.
„Најважно од сѐ е што веќе три години, пред очите на целиот свет, луѓето во Газа се подложени на варварски убиства. Повеќе од 74.000 жители на Газа, од кои повеќето жени и деца, се убиени“, рече Ердоган во своето обраќање.
Тој посочи дека образовните установи во Газа, кои според меѓународните конвенции не смеат да бидат цел на напади ниту за време на воени судири, се целосно срамнети со земја, додавајќи дека под воен удар се наоѓаат и универзитети, болници и верски објекти.
„Илјадници деца ги загубија рацете, нозете или други делови од телото“, рече турскиот претседател.
Потсетувајќи на минатогодишните обиди за воспоставување мир, Ердоган потенцираше дека со придонес на Турција беше постигнато примирје, за кое тврди дека израелската влада го прекршила илјадници пати. Тој изнесе податоци дека од 11 октомври 2025 година, кога примирјето стапи во сила, до денес во израелските напади животот го загубиле 1.500 Палестинци, додека повеќе од 5.000 се ранети.
Според неговите зборови, на Западниот Брег продолжуваат нелегалните населувања, проследени со насилство и злосторства што ги спроведуваат екстремистички структури поддржани од државата. Воедно, укажа дека светите места во Ерусалим се цел на континуирани упади и обиди за промена на нивниот историски и меѓународноправен статус.
Ердоган порача дека Турција и тој лично нема да отстапат од поддршката за палестинскиот народ на меѓународната сцена.
„На секоја платформа на која сме присутни и на секоја маса на која седнуваме ќе продолжиме да бидеме глас на слабите, ранливите, сиромашните и осамените“, додаде Ердоган.
