Авион на авиокомпанијата „Авијанка“ беше принуден вонредно да го промени курсот и да слета во Мајами само три часа по почетокот на летот, откако доживеа силни турбуленции и нагло губење на висината. Летот започна од Меделин, Колумбија, во четврток во 22:40 часот по локално време, упатувајќи се кон аеродромот „ЏФК“ во Њујорк.
Папатничкиот авион од типот „Ербас А320“ се искачи на околу 35.000 стапки додека леташе над Јамајка и Куба, движејќи се кон север, пред ненадејно и нагло да почне да се спушта околу два и пол часа по полетувањето. Според официјалните податоци на сервисот FlightRadar24, леталото се спушти за дури 25.000 стапки (околу 7.500 метри) за само неколку минути пред екипажот успешно да го пренасочи кон аеродромот во Флорида.
Видеоснимките направени во пилотската кабина и патничкиот простор, кои беа објавени од страна на американските медиуми веднаш по принудното приземјување, покажуваат патници во состојба на огромен шок и паника.
Инцидентот резултираше со телесни повреди кај повеќе лица во авионот, по што веднаш интервенираа надлежните служби за итна помош.
„Повеќе пациенти се повредени“, изјавија претставници на противпожарната и спасувачка служба во Мајами-Дејд откако авионот слета околу 3:30 часот наутро, а најмалку едно лице е во сериозна состојба.
