Откако ја преземав градоначалничката функција, една од работите што беа поздравени од јавноста е стопирањето на изградбата на проектот за фрлање на хемиски отпад на територијата на Општина Гази Баба, брифираше градоначалникот Бобан Стефковски на денешната средба со новинарите на која беа презентирани тековните работи кои се спроведуваат во моментов.
Тој истакна дека за оваа цел во изминатиот период биле донесени три урбанистички проекти кои биле за оваа намена.
Веднаш по стапувањето на оваа функција беа направени ревизии на трите проекти, при што констатиравме дека се прекршени неколку процедури, па со радост можам да кажам дека истите се стопирани, затоа што мораме да размислуваме на заштитата на здравјето на нашите граѓани, како и на животната средина и не сакаме такви капацитети да има на територијата на нашата општина – вели Стефковски.
Првиот човек на Гази Баба истакна дека стопирањето на овие три проекти нема да има никакви финансиски импликации врз буџетот на општината, затоа што иако неговиот претходник постапката ја имал спроведено комплетно, а на Советот биле поминати нацрт урбанистичките проекти, сепак, не бил потпишан договор со компанијата-изведувач.
Градоначалникот рече дека иако би сакал повеќе да зборува за убави работи, сепак со новинарите сподели дека е можно градинката во Стајковци, која е отворена во месец август, да биде затворена затоа што имала проблем со персоналот.
Ова е една од работите која многу ме загрижува. Финансиски средства за градинките се обезбедуваат преку министерството за труд и социјална политика, по претходна согласност од министерство за финансии, но во моментов за жал вработените се под договор на дело, кои ги плаќа општината. Ние пред речиси еден месец испративме барање до министерството за труд и социјала за решавање на овој проблем, но оттаму сѐ уште немаме никаков одговор – вели Стефковски.
Тој истакна дека неколкупати се обидувал побргу да се реши овој проблем, но нема позитивен фит-бек, па како што вели општината може финансиски да издржи и да ги покрие платите на вработените, но доколку ова се пролонгира, иако тој тоа не го посакува, може да дојде до затворање на градинката.
Стефковски вели дека општина Гази Баба во минатото важеше за еден од најзагадените, па поради тоа пред неколку дена биле доделени решенијата за субвенции за купување на печки на пелети на граѓаните на Општина Гази Баба во висина од 536.600 денари, средства од буџетот на Гази Баба.
За следната година планираните средствата во буџетот за субвенции за печки на пелети ќе се зголемат на 1.500.000 денари, додека за прв пат општина Гази Баба од следната година ќе доделува субвенции за велосипеди, тротинети, чистење на оџаци и вградување на уреди за гас на автомобили – брифираше градоначалникот.
Тој истакна во план е изградба на велосипедски и пешачки патеки на целата територија на општината, а особено ќе се посвети внимание за безбедноста во сообраќајот, затоа што во Гази Баба има неколку „црни точки“, каде што од страна на автомобили се загрозува безбедноста на велосипедистите и пешаците.
Стефковски рече дека оваа година не е во план украсување на општината како што тоа беше практика во минатото.
Одлучивме финансиските средства да ги пренасочиме во хуманитарни цели и ќе одиме со поддршка на социјално загрозените семејства. Планираме да спроведеме акција во втората половина од месец декември кога е планирана активност за поддршка на социјално ранливите семејства во нашата општина – рече градоначалникот.
Општина Гази Баба ќе биде целосно транспарентна и отворена за својата работата кон јавноста, а тоа го докажаа и со креирањето на буџетот за 2022 година, а во кое беа вклучени и жителите на општината.
750 граѓани на Гази Баба ги дадоа своите идеи и предлози за буџетот за 2022 година. Со тоа беше завршена првата фаза на новиот концепт за пишување на буџетот. Тие беа разгледани од стручна комисија, а потоа беа распределени до соодветните сектори и да биде направена финансиска конструкција, па доколку дел од идеите се рационални или прилагодливи на состојбите во општината да можеме да ги реализираме – посочи првиот човек на Гази Баба.