– При инциденции во опаѓање, би требало да преземаме чекори постепено: прво може да отпадне обврската за носење маски на отворено“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан за весниците од медиумската групација Функе.
Во регионите со многу ниска инциденција и висока стапка на вакцинирање, обврската би можела да се укинува постепено и за затворени простории, вели тој:
– Во секој случај, како препорака останува едноставното правило – ако не знаете дали треба, ставете маска, особено при патување и средби во затворени простории. Поголема безбедност има само ако сите присутни се или вакцинирани или редовно се тестираат, појасни Шпан.
Министерката за правда Кристине Ламбрехт од покраините побара за расчистат дали и каде обврската за носење маски е сѐ уште соодветна. Тоа особено се однесува за учениците, кои мора да носат маски со часови.
– Тоа е оптоварување, рече Ламбрехт за весникот „Билд ам Зонтаг“.
Инаку, во Германија првпат по повеќе од осум месеци има помалку од 1000 новоинфицирани за 24 часа. Институтот „Роберт Кох“ регистрира 549 нови случаи. Бројот на новоинфицирани последен пат беше трицифрен во септември минатата година.