Германија апелираше до Кина да го искористи своето влијание врз Русија во контекст на војната во Украина.

Премиерите на Германија и Кина, Олаф Шолц и Ли Џианг денеска се сретнаа во Берлин. Средбата се одржа само еден ден по средбата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен со кинескиот претседател Си Џинпинг, што АП го толкува како обид на Пекинг да се доближи до Западот и да ги загрее односите.

„Повторно апелирав до кинеската влада да изврши уште посилно влијание врз Русија во оваа војна. Важно е Кина да продолжи да не испорачува оружје на агресорот, Русија. Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Кина има многу посебна должност“, рече Шолц.

Ли директно не одговори ниту ја спомена Украина во својата изјава, а на конференцијата немаше прашања од новинарите.

Покрај тоа, Шолц и Ли ветија дека ќе работат заедно во борбата против климатските промени како два најголеми светски емитери на јаглерод диоксид.

„Како главни емитери на CO2, Германија и Кина имаат посебна одговорност во борбата против климатските промени“, рече Шолц за новинарите.

Ли рече дека „за двете страни, справувањето со климатските промени треба да стане важно поле на соработка“.

Ова е прво патување на Ли во странство од март, кога стана премиер.

Германија сака да одржува добри односи со Кина, нејзиниот најголем трговски партнер, и покрај загриженоста поради одбивањето на Пекинг да ја критикува руската инвазија на Украина, пишува АП.

Во неодамна објавената стратегија за национална безбедност на Германија, Кина се карактеризира како „партнер, конкурент и системски ривал“.