Лидерите бараат забрзување на европските регулативи
Германија, заедно со пет други земји-членки на ЕУ, се обидува побрзо да се движи по клучните економски и политички прашања, вклучително и усогласување на правилата на пазарот на капитал, изјави германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл.
– Сè уште верувам дека темпото што моментално го доживуваме на европско ниво не е соодветно на предизвиците со кои се соочуваме како Европа, рече Клингбајл на денешната средба во Брисел со министрите за финансии на Франција, Италија, Холандија, Полска и Шпанија.
– Сакаме решенија за цела Европа и на тоа работиме шестмината со цел зајакнување на суверенитетот на Европа и правење на Европа силна, особено во овие турбулентни времиња, и работиме на тоа да обезбедиме да играме посилна улога на меѓународен план, додаде тој.
Фокус на пазари на капитал и инвестиции
Денешната средба беше посветена на забрзување на работата на таканаречените пазари на капитал и сојузите за штедење и инвестиции, пренесе ДПА. Лидерите на ЕУ минатата недела дискутираа за намалување на бирократијата и подобрување на поврзувањето на пазарите за да се создаде поефикасна деловна средина.
Разлики меѓу пазарите на земјите-членки
Во моментов, секоја земја-членка на ЕУ функционира со свој пазар на капитал и свои правила, вклучително и различни правни структури на компаниите, даночни регулативи и сопствени финансиски институции, како берзите и банките. Усогласувањето на овие правила се смета за клучно за создавање на поединствен и стабилен европски пазар на капитал.
