Во Германија повеќе нема да биде дозволено пушење во автомобил доколку во автомобилот има деца или бремени жени, јави ДПА, повикувајќи се на германското Министерство за здравство.
Забраната, за која федералните провинции долго време се залагаат, е утврдена во нацрт-законот за измена на Законот за заштита на непушачите.
Предлог-законот, доставен до министерот за здравство Карл Лаутербах, сè уште треба да се договори со другите министерства пред да биде претставен во Парламентот.
Со него се предвидува забраната за пушење, која веќе е воведена во јавниот превоз, да се применува и „во затворени возила во присуство на малолетници или бремени жени“.
Во 2019 година, некои германски покраини веќе презедоа слични мерки, со казни до 3.000 евра во случај на прекршување.
Лаутербах сака да ги прошири сегашните забрани за пушење и да ги вклучи е-цигарите и производите од канабис.