Се повеќе германски граѓани се соочуваат со големи финансиски потешкотии, а цените на енергенсите и на прехранбените производи би можеле дополнително да се зголемат во текот на есента и зимата, соопштено е денеска.

„Речиси една третина од германските граѓани, 32 отсто, не можат да одвојат 1.150 евра од финансиите што им се достапни за ненадејни трошоци, да речеме во случај на дефект на автомобил или потреба да купат уред“,Се вели во соопштението на Федералниот завод за статистика во Визбаден.

Ова ја прави групата на овие граѓани поголема отколку во Франција (27 отсто) или Холандија (15,1 отсто). Во другите земји од Европската унија, како Хрватска, Романија, Грција, Кипар и Летонија, процентот на граѓани кои не можат да издвојат средства за ненадејни трошоци од сопствените заштеди ја надминува вредноста од 40 отсто.

Во Германија, во 2021 година, две петини од граѓаните располагале со помалку од 22.000 евра годишно.

Експертите сметаат дека материјалната состојба на граѓаните кои претходно имале финансиски проблеми дополнително се влошила за време на пандемијата на коронавирусот и во последните месеци поради инфлацијата.

Во септември инфлацијата во Германија изнесуваше 10 отсто, а економскиот институт „ Ифо “ предвидува натамошен раст на цените.

„Зголемувањето на цените првенствено се однесува на струјата и гасот, но и на другите сегменти“, изјави претседателот на Институтот „Ифо“, Тимо Волмерсхаусер.

Според информациите од овој институт, повеќето трговски ланци планираат да ги зголемат цените во наредните недели и месеци, а истото важи и за рестораните и хотелиерите.

Минатата недела германската влада усвои нов пакет мерки во вредност од 200 милијарди евра, кои преку субвенционирање на цените на енергенсите ќе им помогнат на граѓаните и стопанството да ја надминат новосоздадената финансиска состојба предизвикана од зголемените цени, пред се на енергенсите.