Германија смета дека барањето на официјална Москва од „непријателските земји“, во кои спаѓаат државите коишто воведоа санкции за Русија, да плаќаат за увоз на нејзиниот природен гас исклучиво во рубљи, претставува „раскин на договорот“.
Ваквата реакција доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Русија во иднина ќе бара „непријателските земји“ да го плаќаат увозот на рускиот природен гас исклучиво во рубљи, наведувајќи дека повеќе нема да прима долари или евра за своите испораки на гас за Европската Унија.
-Барањето претставува раскинување на договорот. Сега ќе разговараме со нашите европски партнери како да одговориме на тоа барање, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек на прес-конференција во Берлин.
На состанокот со руските државни претставници, Путин изјави дека „голем број западни земји донеле нелегитимни одлуки за таканареченото замрзнување на рускиот имот“ со што ја довеле во прашање веродостојноста на валутите на тие земји и ја поткопале довербата во нив.
-Нема смисла да испорачуваме наши стоки до Европската Унија и САД и да добиваме долари, евра и многу други валути за тоа, порача Путин.