Врховната Рада на Украина на својот официјален Твитер профил објави видео како изгледа Мариупол, еден од најпогодените градови од руската инвазија во Укарина.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера ја изнесе позицијата на САД дека руските сили во Украина извршуваат воени злосторства и дека е потребно формирање на суд што ќе ја утврди одговорноста и ќе ги процесуира овие злосторства.

-Врз основа на расположливи информации, можам да објавам дека американската Влада оценува дека припадници на руските сили извршиле воени злосторства во Украина, изјави Блинкен.

Тој изјави дека забележани се безброј кредибилни извештаи за неселективни напади што намерно целат на цивили, како и други ѕверства.

-Руските сили уништуваат станбени згради, училишта, болници, критична инфраструктура, цивилни возила, шопинг центри и амбуланти, со што илјадници невини цивили се убиени или ранети, истакна Блинкен.

Тој наведува дека многу од локациите погодени од руските напади се јасно означени како места каде има цивили.

Ова го вклучува породилиштето во Мариупол, како што високиот комесар на ОН за човекови права истакна во својот извештај од 11 март.

Се наведува дека силите на Путин користеле исти тактики во Грозни, Чеченија и Алепо, Сирија каде го интензивираа бомбардирањето да ја скршат вољата на народот.

Општина Мариупол вчера соопшти дека градот бил погоден од две „супермоќни бомби“, но не наведе дали има жртви.

– Окупаторите не ги интересира градот, сакаат да го срамнат со земја, се наведува во соопштението на градската управа.