Аднан Локванчиќ, осомничениот за убиството на својата мајка и брат во сараевската населба Храсница, по апсењето дал вознемирувачка изјава пред полицијата, пренесуваат босанските медиуми. Случајот предизвика голем шок во јавноста, особено по информациите дека жртвите имале здравствени проблеми и дека тој со години се грижел за нив.

Според пишувањето на „Аваз“, Локванчиќ во полиција изјавил дека мајка си и брат му ги „претворил во маченици и ги испратил на подобро место“.

По двојното убиство, осомничениот останал во станот во кој се случил настанот, каде што бил пронајден и уапсен од полициски службеници.

Медиумите наведуваат дека жртвите биле болни, а информацијата дека Локванчиќ бил нивен долгогодишен негувател дополнително ги потресла соседите, кои не можеле да поверуваат во трагедијата.

Според досегашните информации од истрагата, мајката била обезглавена. Надлежните институции продолжуваат со работата на случајот за да се утврдат сите околности, мотивите и деталите поврзани со убиствата.