Страшна трагедија ја потресе јавноста во Косово откако во селото Демирај во близина на Гнилане беа пронајдени телата на 27-годишен маж и неговото 3-месечно бебе. Надлежните органи приведоа 65-годишен маж под сомнение за извршено тешко убиство врз членовите на сопственото семејство.

Според информациите од надлежните органи, полицијата на 1 ноември во 8:47 часот добила пријава дека во семејна куќа во селото Демирај се пронајдени две безживотни тела. На местото на настанот веднаш излегле полициски единици, државен обвинител и екипа на Итната медицинска помош, кои ја констатирале смртта на двете лица.

Портпаролот на полицијата за регионот на Гнилане, Исмет Хашани, потврди дека уапсениот 65-годишен Брахим Демири е татко на 27-годишниот Адонис Демири, чие тело е пронајдено во куќата.

Првичните истражни дејствија укажуваат на сомнеж дека се работи за злосторство, односно дека уапсениот го убил својот син и неговата ќерка.

По налог на државниот обвинител, на осомничениот му е одредено задржување во траење до 48 часа.

Телата на загинатите се испратени во Институтот за судска медицина на обдукција, а полицијата и обвинителството продолжуваат со интензивна истрага со цел целосно расветлување на сите околности под кои се случило злосторството.

Медиумите објавуваат неофицијални информации за текот на трагедијата, според кои прво 27-годишниот маж го усмртил своето тримесечно дете, по што неговиот татко го убил него. Сепак, овие наводи засега не се официјално потврдени од надлежните институции. Мотивот, точниот редослед на настаните и одговорноста за смртта на двајцата треба да бидат утврдени со истрагата и резултатите од обдукцијата.