Сараево повторно се најде на геополитичката мапа на Блискиот Исток, но овој пат не поради дипломатска иницијатива на Босна и Херцеговина, туку поради посетата на човек од самиот врв на иранската верско-политичка хиерархија. Ајатолахот Алиреза Арафи, еден од највлијателните претставници на иранскиот верски естаблишмент и поранешен член на привременото раководство на Исламската Република, престојуваше во Сараево каде што присуствуваше на церемонијата на преземање на должноста реис-ул-улема од страна на Неџад Грабус.
Иако на прв поглед станува збор за протоколарна верска посета, во дипломатскиот свет времето, изборот на соговорниците и пораките што ги испраќаат високите функционери ретко се случајни. Ова особено доаѓа до израз кога станува збор за претставник на држава што се наоѓа во сериозен судир со Вашингтон и Тел Авив и настојува да го пробие меѓународниот политички притисок. Во разговор со босанските медиуми Арафи порача дека Иран сака да ги продлабочи односите со Босна и Херцеговина, особено во областа на културата, образованието и уметноста.
„Не признаваме никакви црвени линии кога станува збор за самоодбраната“, изјави Арафи.
Ваквата изјава тешко може да се разбере само како дипломатска формулација за билатерална соработка и претставува порака со поширока адреса. Арафи е највисокиот ирански функционер за кого е познато дека отпатувал во Европа од почетокот на воениот судир со САД и Израел во февруари годинава. Неговото присуство во Сараево се толкува и низ призмата на обидите на Иран да ги искористи постојните врски со Босна и Херцеговина за да отвори комуникациски канали кон европските држави.
Во Република Српска посетата внимателно се следи и не беше дочекана само како верски настан, туку дел од тамошните безбедносни и политички коментатори ја протолкуваа како настан со потенцијални последици за меѓународната позиција на Босна и Херцеговина, особено во односите со САД и европските партнери. Поранешниот директор на полицијата на Република Српска, Драгомир Андан, го отвори прашањето дали Сараево преку гостопримството испраќа сигнал за политичко позиционирање во судирот меѓу Техеран и Вашингтон, оценувајќи дека евентуалните последици би ја засегнале целата држава. Слична теза изнесе и безбедносниот аналитичар Џевад Галијашевиќ, кој потсетува дека Арафи имал значајни функции во иранскиот политички систем, вклучувајќи го и Советот на чувари, додека професорот по геополитика Срѓан Перишиќ смета дека ова може да биде почеток на поширок обид на Техеран за комуникација со Западот.
Иранскиот политички аналитичар Али Афшари, кој живее во Вашингтон, оценува дека Техеран би можел да се обиде да ги искористи традиционалните врски со Босна и Херцеговина за ублажување на тензиите со европските држави, иако идеолошките позиции на иранското раководство не мора да се совпаѓаат со ставовите на босанските муслимани. Поранешниот амбасадор на БиХ во Иран, Емир Хаџикадуниќ, пак, смета дека посетата треба да се разбере првенствено како церемонијален настан со оглед на претходните контакти на Арафи со Исламската заедница во БиХ во областа на верското образование, но поради актуелната меѓународна конфронтација пошироките политички толкувања остануваат неизбежни.
