Првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ, доколку победи на претстојниот „УС Опен“, ќе биде првиот тенисер по Род Лејвер во 1969 година што ќе го комплетира календарскиот Грен слем.

– Се разбира, знам каква можност имам сега. Многу сум мотивиран да го покажам мојот најдобар тенис. Постои психолошки притисок, но во исто време знам како да најдам рамнотежа, да се справам со очекувањата. Без Рафа (Надал) и Роџер (Федерер), очекувањата се поголеми. Знам дека многумина ќе ги гледаат моите натпревари и ќе очекуваат добар резултат од мене. Меѓутоа, има неверојатни играчи кои сега покажуваат моќни резултати – Зверев, Медведев, Цициапас. Ова се трите главни кандидати за титулата. Јас ќе имам уште многу можности за трофеи, но не знам дали повторно ќе ми се пружи ваква шанса, да комплетирам календарски Грен слем.

По Олимпијадата, одвоив дополнително време за одмор. Не играв Синсинати, иако планирав, бидејќи по долго и успешно лето бев исцрпен во секоја смисла. Инспириран сум да го прикажам мојот најдобар тенис во Њујорк, истакна Ѓоковиќ.

Грен слемот во Њујорк, „УС опен“ ќе се игра од 30 август до 12 септември.