Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ се пласира во четвртфиналето на турнирот во Дубаи, откако вечерва го победи Холанѓанецот Талон Грикспур (6:2, 6:3) во второто коло.

-Одиграв добар меч. Потешко ми беше на претходниот натпревар. Денес играав поодлучно и мојата игра беше сигурно подобра од вчера. Можеби последните 3-4 гемови не беа најдобри, но на крајот успеав со добри сервиси. Задоволен сум, изјави Србинот.

Ѓоковиќ упати комплименти за Грикспур.

-Има многу моќ во неговата игра. Неговиот сервис и форхенд му се омилени удари. Тој се обидува да го наметне својот тенис преку овие потези. Но, јас не го дозволив тоа. Талон е еден од најпрогресивните тенисери во светот. Доаѓа нова генерација, но не се плашам, нагласи Ѓоковиќ.

Во четвртфиналето на турнирот 22-кратниот победник на Грен слем турнирите ќе игра со поуспешниот од мечот Павел Котов (Русија) – Хуберт Хуркач (Полска). (МИА)