Руската слаткарка Полина Филимонова, позната на јавноста како „Pauline Cake“, го трансформираше својот талент во препознатлив меѓународен бренд. Нејзините слаткарски креации на прв поглед наликуваат на дизајнерски чанти, минијатурни раскошни дворци или комплексни уметнички инсталации, надминувајќи го вообичаениот изглед на десертите.

Филимонова потекнува од градот Бердск во Сибир, а со слаткарство почнала да се занимава уште за време на своето образование. Кога имала 19 години, таа ја основала онлајн-школата „Полин скул“, преку која ги обучувала заинтересираните за напредните техники на декорирање и водење бизнис, при што нејзините образовни програми ги поминале повеќе од 100.000 луѓе од разни делови на светот.

Уникатните дела ѝ обезбедија публика од речиси три милиони следбеници на социјалната мрежа Инстаграм, што ѝ овозможи пробив на глобалниот пазар. Во 2024 година таа отвори сопствено слаткарско ателје во Дубаи, специјализирано за изработка на уникатни торти по нарачка за свадби, роденденски забави и ексклузивни свечености.

Помеѓу нејзините најпрепознатливи проекти спаѓаат реплики на познатиот луксузен хотел „Бурџ ал Араб“, автомобили, вртелешки и брендирани чанти. Цените за најкомплексните нарачки достигнуваат и по неколку илјади евра во зависност од дизајнот и димензиите, при што одредени елементи служат исклучиво за визуелна демонстрација на вештините.

Додека во почетокот сама ги извршувала сите фази од печењето и снимањето до комуникацијата со клиентите, денес зад брендот дејствува поголем стручен тим. Филимонова ја извршува улогата на креативна директорка која ги осмислува новите уметнички насоки на слаткарските колекции.

Во разговор за медиумот „The Pro Chef Middle East“, таа посочи дека популарноста на дигиталните мрежи мора да биде поткрепена со постојан квалитет на производите. Во зависност од комплексноста на барањето, изработката може да трае од еден ден до неколку недели, а нејзините планови опфаќаат натамошно проширување на обуките и нови проекти.