– Ова е сосема уникатен натпревар. Искрено, нема потежок тест од средбата со Надал на земја, во последните фази на Грен слемот, на теренот, каде што постигна голем успех. Секако, на секој наш натпревар има посебна напнатост, дополнителни очекувања. Кога ќе излезете со него на терен, расположението е сосема поинакво. Но, затоа нашето ривалство се покажа како историско, го цитира „Atptour.com“ Ѓоковиќ.

Србинот истакна дека Надал му е главен ривал во кариерата, а од конфронтацијата со него тој само станува посилен.

-Борбата со Рафа и Роџер ме направи посилен, ми овозможи да разберам каде треба да се подобрам за да го достигнам нивото на кое беа тие кога започнав да играм професионално. Претпоставувам дека ќе го наречам Рафа главен ривал во мојата кариера. Но, квалитетот на тенисот што го покажав во последните три или четири недели на земја – во Рим, Белград и тука – ги додава моите добри чувства. Јас сум сигурен во себе. Верувам дека можам да победам. Инаку не би бил тука. Ќе имаме голема битка, рече првиот светски рекет.

Ѓоковиќ и Надал ќе играат по 58-ти пат во кариерата. Меѓусебниот резултат е 29:28 во корист на Србинот, додека на Ролан Гарос води Шпанецот со 7:1.