Фактот дека во Бугарија постојат Македонци, тоа не може никој да го негира, дециден е претседателот на мешовитата комисија од македонскиот тим за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на Ваша страна на телевизија Телма.

Ѓоргиев вели дека она што го иритира македонскиот народ е тоа што нема реципроцитет, укажувајќи дека Бугарија го диктира внатрешното уредување на Македонија во однос на малцинствата.

-Постојат таму Македонци, јас имам пријатели кои се Македонци а кои живеа во Бугарија, и тоа е факт. На кој начин тоа ќе се надмине, тоа е веќе политичко прашање за кое јас не би сакал да навлегувам, меѓутоа она според мене кое што ја боли македонската јавност во однос на тоа прашање е недостатокот на реципроцитет и чувството дека Бугарија го диктира внатрешното уредување на Македонија во контекст на тоа бугарско малцинство овде, додека на македонската страна апсолутно не и е дозволено да направи ништо за Македонците во Бугарија, вели Ѓоргиев.