Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денес го означи стартот на градежните активности во населбата Пинтија за изградба на фекална канализација.
Ова населено место 40 години е без фекална мрежа, а зафатот ќе биде во должина од 1400 метри кои ќе ги задоволат потребите на над 200 домаќинства.
-Денес е убав ден за жителите од Пинтија. После четири децении лажни ветувања, лажни надежи пред секои избори, започнавме со она што го ветив, а тоа е изградба на фекална канализација и решавање на долгодишниот горлив проблем со кој се соочуваа граѓаните. Се работи за мрежа од 1400 метри која опфаќа над 200 домаќинства и која трајно ќе ја реши долгогодишната голгота и живеењето во супстандардни услови. Оваа фекална канализација привремено ќе биде приклучена во кругот на ОХИС до моментот кога ќе почнеме да ја градиме фекалната канализација за населбите Каменик 1 и 2, бидејќи за приклучување на оваа мрежа ќе треба да се премине преку булеварот ,,Борис Трајковски”. Веднаш откако ќе завршат градежните активности и сите домаќинства ќе бидат приклучени кон главните водови, ќе пристапиме кон санација на улиците со асфалт или бехатон, во зависност од постојната состојба или потреба. Ова е проект кој го ветив пред мојот народ, а денешното отпочнување со работа е доказ дека мојот збор вреди, изјави Ѓорѓиевски.
Посочи дека нема да дозволи ниту еден жител на Кисела Вода да живее во услови кои не доликуваат за едно модерно општество.