– Со право на глас на овие избори во избирачкиот список се запишани 1 824 863 лица. Денеска, пред денот на изборите, своето право на глас можат да го остварат вкупно 10 653 гласачи. На гласачките места во 13-те поправно казнени установи, можат да го остварат 1 899 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. До овој момент гласањето тече без проблем, наведе претседателот на ДИК.

Тој додаде дека во текот на денот, своето гласачко право во единствениот Центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и шест гласачи кои се водат како внатрешно раселени лица.

– Во установите за вонсемејно згрижување, своето право на глас можат да го остварат вкупно 351 гласач. Во текот на денешниот ден, избирачките одбори во државата ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни и немоќни или во куќен притвор. Од општинските изборни комисии кои доставиле известување со соодветна документација во своите домови гласачкото право ќе го остварат 7 921 граѓанин кои се пријавиле за гласање, посочи Даштевски.

Тој истакна дека во своите домови ќе гласаат 476 лица, кои се во домашен карантин или им е определена мерка самоизолација поради Ковид-19. Ова гласање, додаде тој, ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од медицински персонал и лица номинирани од политичките партии.

– Постои изразен интерес за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми. ДИК издаде акредитација за набљудување на 1247 набљудувачи од кои 870 се домашни, 367 странски и 10 странски новинари, нагласи Даштевски.

На новинарско прашање околу информацијата на ЦИВИЛ дека недостигаат околу 40 лица на Избирачкиот список во казнено-поправните установи и дека избирачкото место во КПУ Идризово било отворено со задоцнување, претседателот на ДИК одговори дека Комисијата е најкомпетентно тело и оти немаат добиено таква информација.

– Јас ви ги кажувам официјалните податоци што ги имаме ние како ДИК, сметам дека ДИК е најкомпетентното тело, ако имаше таква информација ќе ви кажев, сметам дека не е точна таа информација, одговори Даштевски.