Македонската извозна политика треба да се насочи кон освојување странски пазари, поголема конкурентност и создавање домашна додадена вредност, порачува претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во интервју за магазинот „Економија и бизнис“.

„Државата со поголем БДП, компаниите со поголем профит, граѓаните со повисок стандард. Ова е целта на Комората“, истакнува Азески, нагласувајќи дека основната улога на организацијата е да одговори на потребите на компаниите и да им помогне да се приспособат на современите услови за работа.

Според него, дигитализацијата и вештачката интелигенција ги забрзуваат деловните процеси, поради што компаниите мора постојано да ги следат новите трендови за да останат конкурентни.

„Нашата визија е да имаме што поголем број конкурентни членки кои ќе работат глобално. Комората работи во таа насока и со цел нејзините членки да направат поголем профит“, вели Азески.

Тој оценува дека соработката меѓу бизнис-секторот и јавниот сектор е клучна за економскиот просперитет. Според него, стопанските комори во развиените демократии имаат значајна улога во креирањето на економските политики и треба да бидат важен партнер на најрепрезентативните државни институции.

Поголема поддршка за извозот и домашните компании

Азески смета дека македонската извозна политика треба да се надгради, со поголем фокус на поддршката на компаниите при освојувањето странски пазари, наместо да се сведува на класично субвенционирање на производството.

„Фокусот не треба да биде само на тоа колку извезуваме, туку и што извезуваме, на кои пазари и колкава економска вредност останува во Македонија“, посочува тој.

Меѓу барањата на Стопанската комора се и донесување нов закон за јавни набавки со кој домашните компании ќе имаат предност, воспоставување модерен систем за статистичка евиденција како основа за креирање економски политики, намалување на готовината во прометот и воведување електронски фактури.

Азески нагласува дека економските политики треба да се спроведуваат со јасна поделба на надлежностите и со поголема соработка меѓу институциите. Тој изразува уверување дека идните генерации ќе успеат да ги надминат општествените поделби и да изградат држава во која граѓаните ќе имаат повисок животен стандард, а бизнисот ќе остварува поголем профит.

За неработните денови се потребни аргументи, а не лични напади

Осврнувајќи се на реакциите во јавноста околу бројот на неработни денови, Азески вели дека Стопанската комора подготвила законско решение со помош на експерти, компаративни анализи според европски методологии и анкети спроведени во компаниите.

Како што посочува, решението било претставено како една од можните опции, но наместо аргументирана јавна дебата, следувале лични квалификации, навреди и говор на омраза.

„Но наместо јавна дебата, темелна расправа за прашање кое нас нè засега, добивме плукања, говор на омраза и лични квалификации. Тоа го одразува степенот на демократска зрелост“, вели Азески.

Тој додава дека Комората ќе продолжи професионално да работи и да ги изнесува своите ставови за прашањата важни за економијата, со аргументи и без откажување од јавната дебата.

Кадарот е гаранција за иднината на Комората

Во интервјуто, Азески се осврнува и на значењето на човечките ресурси, нагласувајќи дека успехот во секоја област бара јасно поставени цели, соодветен кадар и финансиски средства.

„Без тоа нема бизнис“, истакнува тој, додавајќи дека вработените се најголемиот гарант за постоењето и иднината на Стопанската комора, а не зградата во која таа е сместена.