„Гласен Текстилец“ иницира враќање на старите глоби за работодавачите кои не исплатиле плата и придонеси за вработените. Неприфатливо е сопственик на фирма кој не исплатил две-три или повеќе плати за стотици вработени да си помине со 500 евра казна, а работниците платите да си ги бараат во судска постапка.

– Еден работник кој не добил плата не може да си дозволи адвокатски трошоци, судски трошоци и слично. Има и случаи кога тие на таа сметка не ги ставаат парите, туку користат други сметки или отвараат нови фирми, а ги ликвидираат старите или ги прават деловно неспособни, имате друг момент кога не можете да ги наплатите и во судска постапка тие неисплатени плати и придонеси, така што сметам дека на Државниот трудов инспекторат му се врзани рацете- изјави Кристина Ампева „Гласен Текстилец“- Штип

Како крајна опција е известување на странските партнери со кои соработуват домашните фирми, за проблемите со кои се соочуваат работниците.

– Ние како здружение мораме да ги искористиме сите можности за работниците да си ги наплатат платите. Значи тие не бараат ништо посебно- додаде Ампева

Ампева додаде дека, намалувањето на глобите е направено со најдобри намери, меѓутоа очигледно е дека од голем дел на работодавачите се злоупотребува.