Почетокот на изградбата на експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица, се очекува да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Делчево.
Одговарајќи на новинарско прашање за избраната траса, Мицкоски посочи дека по јавната расправа е избрана една од двете разгледани варијанти и дека апликацијата за проектот е веќе поднесена пред меѓународните финансиски институции.
– Станува збор за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица. На јавната расправа беа разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек е изработката на студија за изводливост и на еколошка студија, а веќе разговараме и со потенцијални финансиски институции. Јас и вицепремиерот и министер за транспорт го претставивме проектот пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Апликацијата е веќе поднесена – изјави Мицкоски.
Додаде дека студиите и концептите за избраната варијанта, доколку работите се одвиваат според очекувањата, би требало да бидат завршени напролет.
– Ако сè оди според очекувањата, напролет би требало да бидат завршени студиите и концептите за избраната варијанта. Очекувам камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година. Со тоа, сметаме дека ќе се заокружи една целина што значително ќе ја подобри поврзаноста на жителите од овој дел на Македонија со останатите делови на државата – рече Мицкоски.
Најави и почеток на други инфраструктурни проекти во овој регион.
– Од понеделник би требало да почне реконструкцијата на патниот правец од Делчево до граничниот премин со соседна Бугарија. Успешно заврши и тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани, па конечно ќе почне и неговата санација. Во фаза на реализација се повеќе проекти што ќе бидат од значење за овој крај на државата – истакна Мицкоски.
Премиерот денеска престојува во посета на Делчево, каде што заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за спорт Борко Ристовски изврши увид во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“ и на почетокот на градежните работи за реконструкција на градската спортска сала во Делчево.
