Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападот врз Иран морал да биде изненадување, споредувајќи го со јапонскиот напад на Перл Харбор. Воедно, тој упати критики кон сојузниците, особено НАТО, поради недоволната поддршка.

Говорејќи во Белата куќа за време на средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи, Трамп рече дека САД намерно не ги информирале сојузниците однапред за воената акција.

– Влеговме многу силно и никому не кажавме за тоа, бидејќи сакавме изненадување. Кој знае подобро за изненадувањата од Јапонија? Зошто не ми кажавте за Перл Харбор – му одговори Трамп на новинар од Јапонија.

Тој изјави дека нема намера да испраќа дополнителни трупи на Блискиот Исток и оцени дека конфликтот „наскоро ќе заврши“.

– Не испраќам трупи никаде. А и да испраќам, сигурно не би ви кажал – рече Трамп на заедничката прес-конференција.

Американскиот претседател ја опиша воената кампања како „краток излет“, додавајќи дека иранските поморски и воздушни капацитети, како и противвоздушната одбрана, се сериозно ослабени.

– Морав да го направам овој мал потег и да направам нешто што ниту еден друг претседател немаше храброст да го направи – изјави тој.

Трамп додаде дека, и покрај растот на цените на нафтата по нападите, ефектите биле помали од очекуваното.

– Очекував да биде полошо, многу полошо. Не е толку лошо и наскоро ќе заврши – рече Трамп.

Тој откри дека му порачал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не ги напаѓа повторно иранските нафтени и гасни полиња.

– Му реков: „Немој да го правиш тоа“, и тој нема да го стори тоа. Не разговаравме за тоа. Работиме независно, но се сложуваме одлично. Координирано е. Но, повремено тој ќе направи нешто, а тоа не ми е погодно – рече Трамп.

Јапонската премиерка Такаичи изјави дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и ги осуди нападите врз земјите на Блискиот Исток, како и затворањето на Ормускиот Теснец.

Таа предупреди дека глобалната економија може да претрпи сериозни последици од кризата.

– Дури и во тој контекст, цврсто верувам дека само ти, Доналд, можеш да постигнеш светски мир – истакна Такаичи.

Трамп изрази задоволство од поддршката од Јапонија и оцени дека таа презема одговорност, „за разлика од НАТО“.

– Имавме огромна поддршка и однос со Јапонија за сè. И верувам дека, од изјавите што ни ги дадоа вчера и завчера, тие навистина преземаат одговорност, да. За разлика од НАТО – рече Трамп.

Претходно, европски земји и Јапонија објавија заедничка изјава во која ги осудија нападите на Иран врз трговски бродови и затворањето на Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека се подготвени да помогнат за безбедна пловидба.

Трамп ја критикуваше Алијансата дека не ги поддржува доволно напорите на САД во Иран, оценувајќи дека тоа е „голема грешка“.

Тој додаде дека очекува Јапонија да има поголема улога, посочувајќи на зависноста на земјата од Ормускиот Теснец за снабдување со нафта.

– А во случајот со НАТО, тие не сакаат да ни помогнат да го одбраниме теснецот, иако тие се оние на кои им е потребен. Но, сега тие стануваат многу поприлагодливи, затоа што ја гледаат мојата позиција. Но, што се однесува до мене, предоцна е – изјави Трамп.