Во акциска контрола спроведена ноќеска во два угостителски објекти на подрачјето на Гостивар, полицијата приведе 15 странски државјанки поради злоупотреба на туристичкиот престој, а лишени од слобода се и две лица.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата била реализирана денеска, во периодот од 2:00 до 4:00 часот, од полициски службеници на СВР Тетово – ОВР Гостивар.

Во угостителски објект во селото Чегране бил приведен М.Х. (50) од селото Форино. Според МВР, откако ги забележал полициските службеници пред локалот, ја заклучил влезната врата и ги предупредил присутните да избегаат. Сепак, полицајците со брза интервенција го блокирале задниот излез и спречиле бегство на повеќе странски државјанки.

Во вториот угостителски објект, на подрачјето на Полициското одделение Галате, од слобода бил лишен А.А.(53) од Гостивар, откако кај него била пронајдена марихуана.

При контролите во двата локала биле приведени вкупно 15 странски државјанки, на возраст од 19 до 40 години, од Србија, Албанија и Колумбија. Од нив, 11 биле затекнати во објектот во Чегране, а четири во локалот на подрачјето на Полициското одделение Галате.

Од МВР информираат дека сите странски државјанки се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.