Нова видеоснимка од грабежот во златарницата на улицата 11 Октомври во Куманово се прошири на социјалните мрежи. На снимката јасно се гледа пристигнувањето на комбе и автомобил пред златарницата, од каде што излегле и влегле четворицата маскирани лица, како и моментот во кој сторителите насилно упаѓаат во објектот.
Камерата го регистрирала грабежот во 13:24 часот, но самиот настан се случил во 12:24 часот бидејќи часовникот на надзорниот систем останал наместен на летното сметање на времето. Крадците пристигнале со бело комбе марка „ивеко“ со германски царински регистарски таблички и со син автомобил „ауди“ со косовски регистарски ознаки.
Возилата според сознанијата пристигнале од Скопје преку селото Арачиново, движејќи се по стариот пат кон Куманово, а веднаш по извршениот грабеж сторителите се упатиле назад во истиот правец.
Кражбата била официјално пријавена вчера во 12:32 часот, при што сторителите со примена на сила ја отвориле влезната врата на златарницата, која се наоѓа во сопственост на педесет и петгодишен жител од селото Липково. Вкупната материјална вредност на одземениот златен накит допрва ќе биде утврдена по завршување на проценката во присуство на оштетениот сопственик.
Настанот го осуди претседателот на Регионалната занаетчиска комора Куманово и на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији, кој истакна дека златарницата на мајсторот Абдулрахим работи непрекинато веќе цели 30 години.
