Годишната стапка на инфлација мерена со хармонизиран индекс на потрошувачките цени (ХИЦП) во септември достигнала 3,4 отсто, процени Еуростат.
Тоа е нејзино највисоко ниво од септември 2008 година.
Во август, според истиот месец во пандемиската 2020 година, потрошувачките цени биле повисоки за три отсто во земјите кои го користат еврото, покажува новиот извештај. Во септември минатата година биле пак 0,3 отсто пониски во споредба со истиот месец во 2019 година.
Во септември, според Еуростат, најмногу пораснале цените на енергенсите, за 17,4 отсто во однос на истиот период минатата година, и повеќе од август, кога се зголемиле за 15,4 отсто.
Свежата храна поскапела за 2,6 отсто, нешто помалку отколку во август, кога цената ѝ пораснала за три отсто во однос на истиот минатогодишен месец.
Успорил и растот на цените на индустриските добра, на 2,1 отсто, од 2,6 отсто во август, покажуваат првите проценки на европската статистичка агенција.
Цените на услугите пораснале за 1,7 отсто, повеќе отколку во август, кога се зголемиле за 1,1 отсто.
Растот на малопродажните цени со месеци забрзува на годишно ниво, предизвикувајќи сè поголема загриженост во Европската Унија.
Цените на природниот гас веќе со месеци растат, а значително порасна и цената на електричната енергија, а последиците ги чувствуваат потрошувачите во многу земји.
Затоа министрите на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент следната недела ќе разгледаат мерки за да се реши проблемот со наглиот раст на цените.
Целиот извештај за инфлацијата во ЕУ и еврозоната Еуростат ќе го објави на 20 октомври.