На Иран му е потребно да ги подобри дострелот и брзината на своите ракети, изјави портпаролот на армијата, Мохамад Акраминија, во интервју за полуофицијалната агенција „Фарс“.
Акраминија, пренесува ДПА, смета дека тоа е неопходен потег бидејќи непријателските сили сега дејствуваат кон Иран на оддалеченост до 1.000 километри од границите на земјата. Овој дострел го опфаќа регионот на Заливот, Кавказ и делови од Централна Азија, а ги покрива и цела источна и централна Турција, вклучително и воздушната база „Инџирлик“ која ја користи НАТО.
Иранската ракетна програма долго време претставува клучен извор на тензии со западните сили. Во иранскиот ракетен арсенал веќе се инкорпорирани ракети со среден дострел способни да прелетаат растојание меѓу 1.500 и 2.000 километри, со што делови од југоисточна и централна Европа влегуваат во нивниот дострел. Техеран наведува дека моментално го ограничува дострелот на своите балистички ракети на 2.000 километри, со кои ја покрива целата територија на Израел, пренесува ДПА.
