Хакери успеале да упаднат во централниот регистар на Данска и да добијат пристап до личните податоци на околу 8,8 милиони луѓе, соопшти данското Министерство за дигитализација.
Според официјалното соопштение, Националната управа за регистрација (CPR) утврдила дека неовластени лица незаконски ги презеле имињата, адресите и матичните броеви на милиони регистрирани граѓани.
Инцидентот е откриен откако Управата била известена за необична аномалија во системот која се случила во текот на септември. Истрагата покажала дека хакерите го искористиле легалниот пристап што го поседувала една приватна данска компанија, кој во меѓувреме е итно отповикан.
Данската министерка за дигитализација, Кристина Егелунд, изјави дека станува збор за исклучително сериозен инцидент и потврди дека сите надлежни институции интензивно работат на утврдување на целосниот обем на упадот.
Националниот регистар содржи податоци за вкупно 11 милиони луѓе, вклучувајќи сегашни жители, починати лица и иселеници. Од Управата нагласуваат дека лицата со посебно заштитени имиња и адреси не биле опфатени со ова истекување на податоците, а веќе се преземени дополнителни мерки за заштита на системот. Сторителите сè уште не се откриени.
