Голем пожар избувнал денеска околу пладне во скопско Волково, при што огнената стихија зафатила куќа која целосно изгорела. При интервенцијата бил повреден и еден пожарникар, кој се здобил со изгореници на раката, пренесе Плусинфо.

Според жителите, пожарот најпрво избувнал во мал канал, по што пламените јазици брзо ги зафатиле дрвјата во близина. Силниот ветер дополнително го разгорел пожарот, кој преку сувата ливада се проширил до куќата.

Пред пристигнувањето на противпожарните екипи, жителите се обидувале сами да го спречат ширењето на огнот. Гаснеле со црева, лопати и канистри со вода, а во борбата со пламените јазици бил вклучен и багер.

На терен биле ангажирани четири противпожарни возила. Поради силниот ветер и сувата вегетација постоела опасност пожарот да ги зафати и останатите куќи во непосредна близина.

На местото пристигнале и полициски екипи, како и Брза помош, која му укажала помош на повредениот пожарникар.

Во околината на пожарот екипите на ЕВН го прекинале снабдувањето со електрична енергија, додека гаснењето на огнот продолжило.