Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против полициски службеник од Полициската станица Центар, осомничен дека без основ употребил физичка сила врз лице кое веќе било лишено од слобода и со врзани раце.

Станува збор за А.Т., вработен како помлад полицаец во ПС Центар при СВР Скопје. Според МВР, на 24 мај околу 2:53 часот, кај фонтаната во Градски парк на булеварот „Илинден“, тој при службено постапување кон приведено лице му задал удар во грбот, иако лицето било со лисици на рацете и немало основ за употреба на физичка сила.

Со ваквото постапување, според пријавата, полицаецот се однесувал на начин со кој се понижуваат човековото достоинство и личноста. Против него е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК поради сомнение за кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик.

Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работната дисциплина.