Украинската тенисерка Елина Свитолина долго чекаше можност за реванш против Арина Сабаленка по пет последователни меѓусебни порази. Ваквата шанса конечно ѝ се укажа и таа максимално ја искористи на Завршниот турнир на сезоната што се одржува во Индијан Велс.

Во директната пресметка за обезбедување пласман во полуфиналната фаза, Украинката славеше со победа од 3:6, 6:3 и 6:1. Со овој голем триумф таа успеа да ја елиминира втората тенисерка на светската ранг-листа од натамошните натпревари на престижниот турнир.

Свитолина настапот во групната фаза го комплетираше со биланс од две победи и еден пораз, со што закажа полуфинална пресметка против Линда Носкова која беше најдобра во втората група, додека во другото полуфинале силите ќе ги одмерат непоразената Мира Андреева и Џесика Пегула.

Младата Мира Андреева доминираше во групната фаза со максимални три победи, откако во последниот дуел експресно ја совлада Дијана Шнајдер со резултат 6:2 и 6:1.

Таа успеа да го реши целиот меч за само 56 минути игра против противничката, која доби шанса да заигра на завршниот собир откако Каролина Мухова мораше да го откаже учеството поради стомачни проблеми.

Првото полуфинале меѓу Пегула и Андреева ќе се одигра во терминот од 21 часот, додека вториот полуфинален дуел во кој ќе се сретнат Носкова и Свитолина е закажан со почеток во 22:30 часот.