Државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски, денеска присуствуваше на инклузивната трка „Run Together 2026“ што се одржа во Гевгелија, во рамките на спортскиот настан November Run. Тој од местото на настанот изрази целосна институционална поддршка за сите учесници и за организаторите.
Трката, која се одржува трета година по ред, е во организација на Фондацијата „Ице Бегов“ во партнерство со Атлетскиот клуб „7 Ноември“. „Run Together“ претставува ненатпреварувачка трка со должина од еден километар, каде што лица со и без попреченост, деца, семејства, спортисти, волонтери и претставници на училишта и здруженија се движат заедно на иста патека. Настанот создава отворен простор за рамноправно учество и активно ја поттикнува инклузијата и сеопфатната достапност на спортот за сите категории граѓани.
„Вистинската вредност на спортот е во можноста секој да учествува, да биде прифатен и да се чувствува како дел од заедницата. Токму таа порака ја испраќа инклузивната трка „Run Together 2026“, настан кој преку спортот ги обединува сите луѓе со добра волја. Ми претставува особено задоволство што Министерството за спорт ја поддржува оваа прекрасна иницијатива, која покажува дека спортот е многу повеќе од натпреварување – тој е заедништво, еднаквост, почитување и можност за сите“, истакна Огњеновски.
Во досегашните три изданија, инклузивната трка успеа да обедини над 2.250 учесници и активни поддржувачи од целата држава.
Овозможувањето спорт достапен за сите ширум државата претставува една од клучните цели и заложби на ресорното министерство. Овие заложби континуирано се реализираат преку посебната програма за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, како и преку поддршката за спортските и рекреативните настани насочени кон промоција на спортот и здравите вредности.
