– Денеска е запленет голем имот, главно во градовите Валона, Каваја, Тирана, Тепелена, Ѓирокастро и Скрапар. Има 11 недвижнини, ресторани, хотели, супермаркети, градежно земјиште, четири компании со нивните средства и некои други имоти во вредност од над 3 милиони евра. Документирано е дека тие се стекнати директно како резултат на приходите од криминални активности. Во текот на истрагата во четирите земји запленети се шест тони наркотични средства, во вредност од 55 милиони евра, изјави Владимир Мара од СПАК.

Според него, за време на истрагата идентификувани се бројни обиди на трговија со наркотици, од Албанија до италијанскиот брег и проширување на повеќе градови во Италија и други европски земји, главно канабис, хероин, кокаин и други супстанци. За време на истрагата издадени биле мерки за безбедност за повеќе од 80 лица.

Денеска уапсените 28 албански државјани биле дел од четири моќни криминални групи. Меѓу нив се обвинител, полициски функционери, како и две лица од обезбедувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири, кому му се судеше за вмешаност во недозволена трговија со дрога.

Директно инволвиран во трговијата со дрога, дури се смета за главен организатор, бил Илирјан Бала, прв човек на секторот за борба против недозволена трговија со наркотици, кому му е изречена мерка домашен притвор исто како и на обвинителот од Валона, Максим Сото.

Директорот на државната полиција Арди Велиу рече дека во акцијата биле вклучени над 200 полициски службеници, како и припадници на специјалната единица „Ренеа“ и единицата за брза интервенција.

Во Тирана денеска престојуваа високи претставници на италијанската антимафија.