Американскиот портал Аксиос објави дека Доналд Трамп е блиску до одлука за голема воена операција во Иран. Според извор од американската администрација, акцијата би можела да започне многу брзо.
„Шефот почнува да губи трпение. Некои луѓе околу него го советуваат да не војува со Иран, но мислам дека веројатноста за воена акција во следните неколку недели е 90 проценти“, изјавил изворот за Аксиос.
Други американски извори за истиот портал навеле дека на САД ќе им треба повеќе време за да преземат акција. Според нив, евентуалната американска операција во Иран веројатно би била масовна, повеќенеделна кампања што повеќе би личела на вистинска војна отколку прецизната американска операција во Венецуела минатиот месец.
Аксиос наведува и дека можеби станува збор за заедничка американско-израелска кампања од многу поголем обем од 12-дневната војна предводена од Израелците минатиот јуни, на која на крајот се придружија и САД со цел да ги уништат подземните нуклеарни објекти на Иран.
Според неименувани израелски претставници, израелската Влада, која „се залага за максималистичко сценарио насочено кон промена на режимот во Иран“, се подготвува за војна во наредните денови.
Во меѓувреме, втората рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран се одржа вчера во Женева, со посредство на Оман. Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, изјави дека страните постигнале меѓусебно разбирање за неколку прашања што би можеле да бидат вклучени во нацрт-верзијата на идниот нуклеарен договор.
Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс оцени дека преговорите поминале добро во неколку аспекти, но дека Техеран сè уште не е подготвен да прифати низа принципиелни позиции презентирани од Белата куќа, пренесува Аксиос.
