Герасимовски изјави дека му е чест и задоволство што граѓаните му дале можност да управува со општината и да ги реализира проектите од програмата која ја направил според нивните потреби. Се заблагодари за досегашното успешно водење на општината, напоменувајќи дека ќе продолжи да ги реализира добрите проекти кои носат бенефит за граѓаните.

-Ветувам дека нашата општина ќе биде зелена, чиста и со резидентни паркинг места за станарите и дека нема да отстапам од злоупотреба на државното земјиште за нова бетонизација на општината, изјави Герасимовски, најавувајќи дека веднаш ќе ги преземе проектите што се во тек на реализација.

Посочи дека општина Центар во изминатите четири години спровела успешни политики и преку ревидирање на ДУП-те заштитила 14 000 квадратни метри зеленило и пренаменила земјиште во памптрак и градинка и дека е спречена изградба на Шпанските скали и Панорамското тркало. Ги наведе и големиот број инвестиции во основните училишта и градинките.

– Јас ќе продолжам со ревидирањето на сите преостанати ДУП-ви со цел да добиеме нови површини за јавно добро. Неколкупати и досега напоменав дека општината ќе биде отворена за граѓаните за побрза интервенција, спроведување на законите и реализирање на нивните потреби и барања. Мојата цел е чесно и транспарентно раководење на општината затоа што само така ќе изградиме доверба со граѓаните и добри проекти за развој на општината, изјави Герасимовски.