По околу шест часа изгаснат е пожарот во борова шума на планината Сува Гора во атарот на село Милетино во општина Брвеница. Пожарот, како што информираа од Центарот за управување со кризи, е изгаснат околу 17 часот.
Интервенцијата за гаснење почна од 11 часот од страна на тетовските пожарникари и на три противпожарни авиони „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.
– Пожарот во Општина Брвеница, кај село Милетино е изгасен. Трите противпожарни авиони на ДЗС и хеликоптерот на МВР се повлечени. На терен ќе останат да дежураат вработени од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово, ЈП „Национални шуми“ и од полицијата, информираа од Центарот за управување со кризи.
Од Територијалната противпожарна единица во Тетово информираа дека една нивна екипа интервенирала и на пожар на отворено во атарот на село Лешок, општина Теарце.