ЈСП „Скопје“ апелира Владата, општините и сите должници кон претпријатието во најкус можен рок да ги исплатат своите обврски со цел да се овозможи нормално функционирање на претпријатието.Во моментов Владата, односно Министерството за образование и наука има долг кон ЈСП „Скопје“ од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари, соопшти на денешната прес-конференција секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.

Тој информира дека долговите кон ЈСП „Скопје“ се во милиони евра, го оневозможуваат нормалниот работен тек на претпријатието, создаваат проблеми во тековната работа, како исполнување на обврските кои претпријатието ги има кон своите доверители и обврската за исплата на плати кон вработените.

-Во услови на економска и енергетска криза кога цените на горивата речиси секојдневно растат, во услови во кои ЈСП „Скопје“ има заостанати долгови наследени од претходните раководства на претпријатието недозволиво е државните институции да се однесуваат игнорантно и да не ги исполнуваат своите обврски, рече Глигоров.

Според него, скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието, како што рече, најавува дека од утре, среда, 12 часот ќе отпочне со протест пред Влада се до подмирување на долговите кон ЈСП.

Од Владата пак  најостро ги отфрлаат  обвинувањата за каков било долг кон ЈСП – Скопје, како што обвинува раководството на ова јавно претпријатие и најавува дека ќе протестира.

Во продолжение нивниот демант

Воедно, ваквата состојба во којашто се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските. Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза.

Согласно документацијата на Министерството за образование и наука, ова миинистерство редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП – Скопје.

Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, пришто средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Нашата интенција како Влада е постојано унапредување и проширување на можностите за поддршка на студентите. Ова многупати досега е потврдено преку воведување на нови категории на стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување на субвенциониран студентски оброк, доделување на ваучери за поддршка при студирањето и така натаму.

Со нормализирањето на наставата со физичко присиство секако дека во Буџетот на државата за 2023 година ќе се обезбедат и средства за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП. Во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство.