Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за „Топ тема“ на Телма телевизија истакна дека во Собранието ќе се донесе специјален закон за 20% поевтини станови за млади брачни парови, при што посочи дека нема да има субвенции за градежните компании, затоа што доволно профит остваруваа со 3.000 евра по метар квадратен.
„Ќе донесеме закон во парламентот во кој ќе ги обврземе. Го разработуваме, денеска имавме состанок со луѓе од мојот кабинет и потпретседателот на Владата и министер за транспорт отприлика за опфатот. Најверојатно ќе биде специјален закон кој ќе дојде во парламент“, додаде премиерот Мицкоски.
Во однос на обвинувањата на опозицијата, премиерот Мицкоски посочи дека истите кои довчера викаа дека Владата ги штитела градежните компании, сега викаат дека им се земал профитот.
„Повторно се создава една чудна порака која доаѓа најчесто од медиуми блиски на опозицијата и од самата опозиција. Довчера нè обвинуваа дека ги штитиме градежните компании, од вчера и денеска нè обвинуваат дека ќе го земеме профитот на големите градежни компании. Навистина понекогаш се чудам на пораките кои доаѓаат оттаму и затоа одбивам да ги коментирам“, вели премиерот Мицкоски.
За тоа како ќе бидат обврзани градежните компании, премиерот Мицкоски додаде дека 10% од станбената површина е минимумот што ќе бидат обврзани да го овозможат за тие станови, а попустот од 20% за млади брачни парови ќе мора да го овозможат, затоа што во спротивно нема да добијат дозвола за градба.
„Во закон ќе биде сето регулирано, репер-цена ќе биде претходната година за таа катастарска општина во којашто се продавани, ќе го извадиме просекот и врз основа на тој просек 20% ќе има попуст, инаку нема да добијат дозвола за градба, многу едноставно. Минимум 10% станбена површина. Сè ќе биде разработено во законот и ќе има упатувачка норма кон подзаконски акти“, посочи премиерот Мицкоски.
Запрашан дали ќе се субвенционираат градежните компании за овој попуст, премиерот Мицкоски нагласи дека нема потреба да има субвенција, доволно остваруваа профит по 3.000 евра по квадрат во Скопје.
