Со симболично предавање на клучот на градот, градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај стана почесен граѓанин на Гостивар.

На пригодната церемонија пред зградата на општина Гостивар гостинот од Албанија се заблагодари на укажаната чест и порача да се напуштат позициите на национализам и иднината да се гради според потребите на младите.

– На нашиот регион не му треба национализам, туку да ја градиме иднината за младите ако сакаме тие да останат во татковината. Додека постарите зборуваат за минатото, младите во училиштата зборуваат за информатичките технологии, за уметност, зборуваат странски јазици, рече Велиај.

Во обраќањето тој напомена дека е подготвен да финансира ученици од Гостивар кои сакаат да стекнуваат знаења преку обуки и креативни работилници кои се организираат во Тирана.

Во поздравниот говор, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, за гостинот кого го нарече братот од Тирана, нагласи дека тој е политичар со многу вредности и позитивна енергија и дека е вистинска чест неговото доаѓање.

Валбон Лимани, претседавач на Советот на општина Гостивар искажа благодарност до колегите советници кои едногласно ја изгласаа одлуката со која Велиај беше прогласен почесен граѓанин на Гостивар и во нивно име му врачи плакета со симболот на градот.

На свеченоста, гостинот беше придружуван од амбасадорот на Албанија, Фатос Река, а присуствуваа и повеќе претставници на институции, верски заедници и пратеници. (МИА)