На Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) од денеска е достапен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

-Од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во насока на проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи, олеснување и измена на административните постапки и овозможување секој граѓанин со изјава кај својот матичен лекар да се определи за потенцијален донор на органи по смртта. Ова е уште еден чекор во насока на подигнување на јавната свесност за значењето на органдонорството, како највисок акт на човекољубие со кој се спасуваат човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати таму каде што ѝ е местото – кај самиот човек, појаснува министерот Алиу.

Предвидено е и воведување национална листа која ја води Министерството за здравство во „Националниот систем за електронски евиденции во здравството“, како и други административно-технички доуредувања на законскиот текст.