Трагедијата во Кочани ја актуализира состојбата со противпожарната безбедност во станбените згради низ главниот град. Подолг период, жителите укажуваат дека системите за заштита од пожар речиси и да не постојат. Скалите се затворени, хидрантите неисправни, а плановите за евакуација – само на хартија или воопшто ги нема.
Контроли во станбените згради: институциите конечно се будат
Општините Центар, Аеродром, Гази Баба и Карпош најавија или веќе започнаа со инспекции. Целта е да се утврди каква е реалната состојба во станбените згради во однос на хидрантската мрежа, противпожарните апарати, пристапноста до скалите и излезните патишта.
„Управителите имаат законска обврска да обезбедат функционална заштита од пожар, да одржуваат исправни инсталации и непречени пристапи до становите. Во таа насока, ќе се организира состанок со сите управители, кои ќе мора да достават извештај за постапките што ги преземаат“, соопштија од Општина Центар.
Дополнително, Центар најавува и координација со Дирекцијата за заштита и спасување, од каде се очекува увид во состојбата со нефункционални, оштетени или украдени хидранти во зградите.
Во Аеродром, контролите веќе се спроведуваат. Акцентот е ставен на пристапите до противпожарните скали, излезите од објектите и хидрантската мрежа. Соработката со куќните совети и управителите е во тек.
Писмени задолженија и закани со санкции
Општина Гази Баба ги задолжи сите управители и заедници на сопственици да истакнат план за евакуација на видно место во влезот, да проверат дали заедничките инсталации се функционални и да отстранат потенцијално опасни материјали од заедничките простории.
„Бараме целосно почитување на законските одредби. Во спротивно, за секое непостапување ќе следат санкции од надлежните институции. Нашата задача е да ја гарантираме безбедноста на граѓаните и ќе го направиме тоа без компромис“, предупредуваат од Гази Баба.
Во Карпош, фокусот е ставен на достапноста и функционалноста на хидрантите, противпожарните скали и евакуациските излези во станбените згради. Жителите се охрабруваат да пријават узурпација или блокада на излезите.
„Секое непочитување на насоките ќе биде евидентирано. Доколку општинскиот инспектор нема надлежност, случајот ќе се проследи до Дирекцијата за заштита и спасување, која ќе изрече соодветни санкции“, велат од Карпош.
Од надградби до преградени покриви: ризиците одамна постојат
Жителите со години сведочат дека во голем број станбени згради, терасите за евакуација се преградени, а покривите – надградени со дозволи од самите општини. Противпожарните скали се блокирани, понекогаш дури и претворени во складишта. Хидрантите – често само обвивка без опрема.
Со малку кревање на свеста и јасни институционални дејства, некои ризици можат да се ублажат. Но, за надградбите и трајните пречки, доцна е за реакција. Затоа жителите се надеваат дека барем во иднина станбените згради ќе бидат третирани како објекти во кои живеат луѓе – не само како адреси на хартија.
Извор: Слободен Печат