„Еурактив“ наведува дека твитот на премиерот Зоран Заев оти националниот фудбалски тим е составен од „македонски играчи, албански играчи, Бошњаци итн. […] Тие се Македонци […] и ја претставуваат Република Северна Македонија“, предизвика силна реакција од грчката владејачката Нова демократија, која излезе во јавноста со најава дека привремено ќе го замрзне ратификувањето на трите меморандуми.

Меморандумите, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на пристапот на  Македонија кон ЕУ и контрола на воздушниот простор, се замрзнати повеќе од една година и требаше да бидат ратификувани во јули.

– Донесете ги меморандумите во Парламентот. Престанете да играте со европската иднина на Северна Македонија и со европските интереси во регионот и проблематичниот Балкан, изјави пратеникот на Сириза, Костас Захаријадес, додавајќи дека секое одложување го зголемува влијанието на Турција во регионот.

Спопред Захаријадес, Владата бара изговор за одложување на процесот поради противењето на некои пратеници од Нова демократија.

„Еурактив“ потсетува дека Договорот од Преспа беше потпишан кога Сириза беше на власт. Нова демократија тогаш беше против, но по доаѓањето на власт се изјасни дека ќе го почитува зашто станува збор за меѓународен договор.