Во изјавата по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата на 9 декември, претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела, предупреди дека ризикот од корупција поврзана со пандемијата останува висок, особено во здравството и мерките што ги преземаат владите за ублажување на економските последици од пандемијата.

-Додека владите се соочуваат со последователните бранови на пандемијата Ковид 19 и мора брзо да дејствуваат, тие редовно прибегнуваат кон итни мерки. И покрај исклучителната ситуација, од клучно значење е владите целосно да го почитуваат законот и да ги засноваат своите постапки на принципите на транспарентност, надзор и отчетност, изјави претседателот на ГРЕКО.

Мрчела наведе дека, кога станува збор за корупцијата, најчувствителни области се доделувањето на договори за јавни набавки, судирот на интереси и лобирањето. Тој додаде дека насоките за спречување на корупцијата во пандемијата, објавени од ГРЕКО во април 2020 година, се уште се клучни за борбата против корупцијата во јавниот и приватниот сектор.

Во тие упатства, ГРЕКО предупреди на формите на корупција кои се особено погодени од пандемијата, како што се јавните набавки, корупцијата поврзана со здравствените институции, корупцијата во истражувањето и развојот на лекови и вакцини, измамите со лажна медицинска и заштитна опрема и лекови. Беше посочена и важноста од посебна заштита на укажувачите, односно лицата кои пријавуваат корупција и посебната улога што во тоа ја имаат медиумите.

Во соопштението се вели дека до крајот на оваа година ГРЕКО ќе усвои извештаи за состојбата во областа на корупцијата во владините тела, вклучително и највисоките носители на извршната власт, и за спроведување на законот за 23 од 50 земји-членки.